Не стивнуваат реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за купувањето на дел од трговскиот центар Соравија од страна на внукот на Али Ахмети. Драган Ковачки обвинува дека Дрин Ахмети не само што не платил ниту денар за купување на бизнис центарот, туку тврди дека не платил ниту данок на промет. Воедно тој рече и дека не се точни тврдењата дека Соравија е загубар.
„Владата на Ковачевски и институциите под негова контрола наместо да молчат да кажат дали е платен данок на промет за Соравија и како е извршена трансакцијата. Дали внукот на Ахмети покрај тоа што не платил ниту денар за Соравија не платил ниту денар на име данок на промет. Истовремено мора да се нотира дека се лага тврдењата и сликата која сакаат да ја создадат Ахмети и други инволвирани во случајот, дека Соравија е загубар со големи кредити. Од достапните информации може да се заклучи дека за две години деловниот центар Соравија остварил добивка од близу 2 милиони евра“, вели Драган Ковачки.
Од ДУИ преку соопштение вратија, ВМРО-ДПМНЕ е фабрика за лажни вести и гебелсова пропаганда.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе со години прерасна во фабрика на лажни вести и пропаганда налик на Гебелс каде што креираат непостоечко прашање и го повторуваат се додека не започнат и самите да му веруваат. ДУИ ги повикува сите политички партии да потпишеме иицијатива до Јавното обвинителство како и до меѓународни институции за целосна истрага на сите наши функционери, власт и опозиција во последните 20 години како и да поддржат целосен ветинг во политиката судството и обвинителството“, велат од ДУИ.
И министерот за економија Крешник Бектеши реагираше на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека синот на Ахмети, Шкумбин и неговите внуци Дрин и Бесијан формирале компанија Хелиос и планираат изградба на фотоволтаична централа во Кичево.
„Во однос на наводите на ВМРО-ДПМНЕ и тоа што го кажуваат тие јавно посебно за синот на господинот Ахмети, денеска сакам јавно да го повикам господинот Мицкоски во мое лично име и заедно со мене, имајќи во предвид дека и тој има потекло од Кичево и Кичево е многу мал град, сите се знаеме меѓу себе, да одиме во Кичево да ја посетиме канцеларијата на господинот Шкумбин Ахмети.Тој има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите проекти негови, повеќе од 99 отсто се за Швајцарија“, порача Крешник Бектеши.
И од Алтернатива барат истражните органи да ги истражат сите наводни за можна злоупотреба на членовите на семејството на Ахмети. Се чини дека ДУИ била добро обучена за време на режимот на Груевски, тогаш беа Груевски и фамилијата а сега се Ахмети и фамилијата, се вели во писмената реакција на Алтернатива.
