Ковид кризата влијае на психичкото здравје – изолацијата, губењето на работа, намалување на платата се причините

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на луѓе кои побарале психолошка помош и поддршка прeдизвикани од оваа долготрајна криза е зголемен. Ова е според личната статистка на психологот и психотерапевт Мирослав Пендароски. Сепак, вели дека вакви податоци добива и од разговорите со негови колеги. Затоа вели, индивидуалниот начин на справување, но и стратегијата на општеството се значајни во справувањето.

-Моето лично искуство како психолог, како психотерапевт, можам да кажам дека последнава година особено после летото кога социјалните контакти колку толку се олабавија луѓето повторно почнаа да се движат и да бараат психолошка помош, без оглед дали се работеше за он лајн, или во живо-вели Пендароски.

Причината поради која негативно се одразува на луѓето со психолошки последици е неизвесноста на Ковид кризата , објаснува Пендароски. Губењето на работата, изолацијата, намалувањето на платата се едни од причините за појава на анксиозност и депресија. Најпогодени се туристичките работници, вработените во рестораните.

-Кога луѓето живеат во незивесност без разлика на која област од животот тоа се однесува, се разбира дека непредвидливоста на идното носи уште поголема вознемиреност, депресивни чувства, алиенација, оттуѓување од околината, апатичност…-изјави Пендароски.

Но, тоа не значи дека само возрасните го чувствуваат психолошкиот притисок. Нема старосна граница на погодени од целава ситуација. Она што е навистина загрижувачко според Пендароски е социјалното отуѓување или навикнување на новата реалност.

-Оваа вештачка ситуација која настана поради големата светска криза, им наложува за луѓето под притисок не по нивни избор, да бидат социјално отуѓени-вели Пендароски.

Гледано долгорчно ваквото однесување не е дел од човековата природа вели Пендароски, бидејќи човекот е социјално битие.

Прашавме и во аптеките дали има зголемена побарувачка на антидепресиви, од каде ни одговорија дека многу повеќе биле барани на почетокот од пандемијата, а сега како луѓето веќе да се навикнале на состојбата.