Покачувањето на минималната плата ги крена на нозе и синдикатите. Со реакција се јави Конфедерацијата на слободни синдикати од каде бараат останатите плати да се усогласат со минималната, инаку во спротивно, како што велат, не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор. Од таму додаваат дека треба да се почитува Законот и колективниот договор, според кој е предвидено усогласување на платите со минималецот.
Ралповски вели дека во вторникот, по средбата на Економско-социјалниот совет испратиле допис до премиерот Ковачевски за решавање на проблемот, но како што објаснува, досега не добиле никаков одговор. Членовите на КСС постојано вршат притисок и бараат радикализација на чекорите.
Премиерот, Димитар Ковачевски истакнува дека покачувањето на минималната плата е историски чекор и дека важи за сите вработени подеднакво.
Конфедерацијата на слободни синдикати бараат прашањето да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот, затоа што станува збор за поголема сума пари која треба да биде одвоена. Синдикатот ги поддржува амандманите на опозицијата, а ги повикува и останатите пратеници да дадат поддршка со цел вработените во јавниот сектор да го добијат она што им следува со закон.
