На прашање на модераторот за тоа како ги коментира изминатите инциденти во Македонија (симнато знамето на Бугарија од конзулатот во Битола и неодамнешната испратена протесна нота до амбасадата на Македонија во Софија за замена на споменик во село Клепач), известувачот на РСМ во ЕП, Илхан Ќучук во емисијата „10 Минути“ посочи дека тие ги затегнуваат односите меѓу двете земји.
„Најмногу ги затегнуваат односите на бугарските граѓани кон Република Северна Македонија и тоа не е фер во голема мера, затоа што јас знам дека не сите граѓани на Северна Македонија мислат на тој начин и не би постапиле на тој начин. Но тука важни се две работи – Прво, да се каже дека промената на историските артефакти претставува опасност за културното наследство. Тоа го правеле варварите. Ние живееме во цивилизиран свет, немаме потреба од тоа да менуваме нешто што се случило. Историјата е за тоа, за да биде препрочитана и да се извлечат поуки од неа, а не да се менува“, истакна Ќучук.
Тој порача дека тоа што е важно е дека живееме во правна држава, во правна Европска Унија и Македонија.
„Република Северна Македонија ги исполнува своите обврски на патот на реформите. Важно е да бидат откриени сторителите, да биде обновено тоа што било оштетено и од друга страна да има вистински ред според кој треба да се спроведе правдата, да нема сомнежи ниту од двете земји ниту од земјите-партнери, но потенцирам, јас никогаш не сум сметал дека целиот македонски народ има негативен однос кон Бугарија“, истакна Ќучук.
