Ако расправата за Извештајот повторно се одложи, граѓаните да се свесни дека проблемот е заради идентитетот, а не за Бугарите во Уставот – ова е оценка на премиерот Христијан Мицкоски, прашан за најавената седница на Европарламентот.
На неа треба да се разгледа текстот на известувачот Томас Вајц, во кој се споменува посебен македонски идентитет и јазик. Првата расправа беше презакажана за 24 јуни.

„Високи политичари од страна на нашиот источен сосед вртеа на високи политичари во Брисел – „аман те, заман, не го ставајте сега Извештајот, не ни правете проблем, бидејќи треба да помине еврото во Парламентот, за да не ни се соберат повеќе луѓе на улица да ни протестираат.“, вели Христијан Мицкоски.
Од друга страна, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека тие барале расправата да се одложи за во меѓувреме да се изработи текст што ќе го зачувал достоинството на Европарламентот.

„Одложувањето е точно заради тоа – во помирни услови да може да се анализира што се случило и текстот да не води до двосмисленост, да не води до несигурност и нејасност за тоа што Европскиот Парламент сака да каже.“, вели Андреј Ковачев.
Премиерот вели дека ќе продолжи да се бори за позициите на Македонија.

„Се бориме, лавовски се бориме насекаде во светот, и во Вашингтон и во Брисел и во Лондон.“, вели Христијан Мицкоски.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова неодамна оцени дека ако Извештајот не биде усвоен ќе биде поставен под прашалник демократскиот капацитет на Европарламентот.
