Лекарот Кокали 5 дена ги чека резултатите за коронавирус: Нервозен сум, барам поголема ажурност од медицинските служби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 7 март имал контакт со нулти пациент, односно со првиот заразен пациент со Ковид-19 во Дебар. Од овој контакт, и дебарскиот лекар, Илбер Кокали се зарази со коронавирусот. Како што вели за ТВ21, малаксаност почувствувал по два дена, на 9 март.

„Ден нулта како што велиме, беше 7 март, утрото, некаде околу 9 и пол, кога го посетив нултиот пациент, бидејќи немавме информација дека може да имаме таков случај, бидејќи од семејни причини, тие денови бев во Скопје. По 1 часот попладнето, со нашиот колега дознавме дека во нашиот град гравитираат малку вакви пациенти. На 9 март, по 48 часа почнав да чувствувам малку малаксаност и лесна температура, субфебрилна некаде околу 37.5 и никаков друг симптом. Мислев дека ми е од претеран умор“, изјави Илбер Кокали – лекар заразен со Ковид 19.

На 11 март се пријавил во Заводот за здравствена заштита за рутински тест. Го прашале дали има симптоми, а Кокали кажал дека нема. Бидејќи немало доволно тестови, одлучиле да не го тестираат тој ден. Тестот бил направен по 3 дена, на 13 март.

„На 13 март, направив тест и резултатите ги добив на 14 март доцна вечерта, дека сум позитивен“, додава Кокали.

Иако поминаа 25 дена од тој ден, Кокали се уште е во изолација. Вели дека 95% од времето го минува сам дома, а 5% со семејството. На 1 април повторно се тестирал, за да види дали треба уште да биде во изолација или не. Иако поминале 4 дена, резултатите се уште не ги добил. Тоа дополнително му ја зголемува нервозата.Илбер Кокали: Повторувањето на тестот го направив на 1 април. По 48 часа требаше да се направи и трето тестирање. Во петокот, на 3 април го повторивме. Меѓутоа се уште нема резултати и сме малку нервозни.

ТВ21: А зошто толку се чека на резултатите?

Илбер Кокали: Тоа е рутина. Да ви кажам право, како што гледате и вие новинарите, пациентот се шета по болници наваму натаму, се тестира за Ковид-19 и по смртта велиме дека е позитивен. Ова е шетање и на пациентите кои се починати. Како случајот во Куманово, Струга….Затоа тука се бара поголема ажурност. Јас разбирам дека службите се преоптоварени, но во такви случаи треба повеќе…почнаа…пунктовите отворија…но, ист случај сум и јас.

Ефикасноста на тестирањето според него треба да биде поголема, особено кога во прашање е медицински персонал, бидејќи, како што вели тој, “имаме  драстичен пораст на заразени“.Дека резултатите во Дебар доцнат со денови, се потврдува и од изјавата на градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

„Од 22 теста што се земени од средата, до денеска имаме само два резултати и двата се негативни на корона“, вели Хекуран Дука – градоначалник на Дебар.

За помош при тестирањето, Владата побара помош и од МАНУ. Веруваат дека од таму ќе им помогнат со апаратура, за што побрзо да се добиваат резултатите за Ковид-19.