Ликовна колонија во Вевчани – безвременската убавина на градот инспирација за уметниците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Повеќе од 20 афирмирани сликари од земјава и странство учествуваат на 11. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“ што од 25 јуни до 10 јули се одржува во Вевчани.

Ефимија Угриноска Кукоска истакна дека оваа година учество ќе земат повеќе од 20 сликари од земјава и странство.

„Ни доаѓаат од разни страни на светот, од нашите соседи Грција, Бугарија, Србија, БиХ, Црна Гора, но и од Полска и Чешка“, истакна Угриноска Кукоска.

Првпат годинава во рамките на колонијата ќе се одржи и Летна ликовна школа за деца, на која 40-тина дечиња, под раководство на професорката Лара Ташковска ќе имаат несекојдневна можност да се запознаат со тајните на сликарската уметност.

Славица Секулоски, уметничка од Белград која живее во Холандија, за прв пат учествува на колонијата, но добро го познава Вевчани бидејќи како мала често си играла тука.

„Доаѓам долги години тука во Македонија затоа што ја сакам Македонија, родителите ми се Македонци и секогаш не влече тој југ, топлината, народот и јазикот… Прв пат сум на колонијата, инаку Вевчани го знам уште како мала, тука сум играла и кошарка. Имам инспирација да сликам тука, затоа што е многу убаво, се ми е инспирација“, посочи Славица Секулоски.

Петар Попчев, најстариот учесник на Колонијата во Вевчани, со пиетет зборува за настанот и местото каде тој се одржува, посочувајќи ги вредностите на Вевчани и вевчанци.

Тој вели дека Вевчани многу му фалел изминативе две години за време на пандемијата. Како што вели, тоа се единствените години од почнувањето на колонијата кога не бил тука.

„Видете, секоја година јас различни теми одбирам. Јас сум тој истиот, претпознатиливо е тоа што јас го сликам, меѓутоа сакам да имам предизвик во работата. Не сакам како да се повторувам“, вели Попчев.

На свеченото отворање на 11-тото издание на „Вевчански видувања“, уметниците беа забавувани со целовечерен музички настап на познатата пејачка Лепа Брена.

„Со големо задоволство прифатив вечерва да бидам гостинка, јас сум личност која сака луѓе кои се и бизнисмени, а исто така кои негуваат уметност“, вели Лепа Брена.

Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ почна во 2010 година, а досега учествувале над 150 еминентни ликовни уметници од државата и од странство. 

Целите изјави во продолжение: