Лога: Идејата на ВМРО-ДПМНЕ не е добра – „ЕУ и САД се против распуштање на Судскиот совет“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неизвесна е судбината на актуелниот состав на Судскиот совет. ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од идејата за целосно распуштање на Советот, а министерот за правда Кренар Лога тврди дека со ваквиот потег не се согласуваат Европската Унија и САД кои со години ги помагаат реформите во правосудството. Лога и претходно реагираше со писмо до Брисел и Вашингтон, во кое напиша дека евентуалното распуштање на ова тело ќе доведе до концентрација на моќ на трите власти кај една партија. Својот став тој го темели на препораките од т.н. Оценска мисија, односно експертите што Европската Унија ги испрати во земјава да се занимаваат со реформи во Судскиот совет.

„Децидно ни е кажано во Извештајот на Оценската мисија дека мора да има континуитет и државните институции не може да поминуваат низ трауми, каде вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии“, вели Кренар Лога.

Министерството за правда сподели дел од веќе подготвените измени во Законот за судски совет, базирани на мислењата на експертите на ЕУ. Со нив се предлага членовите во Советот да се бираат во Собранието исто како и членовите на Антикорупциската комисија. Исто така, во иднина членовите на Советот би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, а се менуваат и одредбите за потребното искуство во струката.

„Зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите

-Зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во предлог измените на Законот за судски совет

Од ВМРО-ДПМНЕ не ги коментираа предлог-измените, но мандаторот Христијан Мицкоски последно кажа дека распуштањето на Судскиот совет ќе доведе до засилена борба против криминалот.

„Потребно ни е главните столбови, а тоа се обвинителството и судството да бидат ослободени од партизираните малкумина обвинители и судии. Како тоа ќе се направи? Со распуштање на две институции – Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. За тоа да се случи потребна е измена на соодветните закони“, вели Христијан Мицкоски.

Според изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, сегашниот состав на Судскиот совет го има изгубено кредибилитетот и затоа ќе биде распуштен, а со законски измени ќе се утврдат строги критериуми за избор на нови членови, кои би биле на предлог на Собранието и на Претседателот на државата.