Лога ќе го следи наследникот „до запирка“ – „Се смеевме на изјавата на Мицкоски, но му пружам рака“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас“, порача Христијан Мицкоски.

Со смеа во Министерството за правда била дочекана оваа изјава на мандаторот Мицкоски.  Лога вели дека немал намера да има кавга со мандатарот, но вината за ниската доверба во правосудството  ја префрли кај ВМРО-ДПМНЕ.

Тој сепак му порача на Мицкоски дека кај него како поранешен министер ќе има пружена рака за реформите во правосудството кои се во линија со Европската Унија, а работата на неговиот наследник во Министерството ќе ја следел, како што вели, „до запирка“.

„Сите ние кога ја прочитавме изјавата на господинот Мицкоски сите се насмеавме во мојот Кабинет. Сите тие луѓе кои се апострофирани од страна на мандаторот се луѓе кои се вработени во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Кренар Лога.

Министерот повтори дека е лошо предизборното ветување на Мицкоски за распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Лога порача да се следат препораките на европските експерти кои беа испратени во земјава, а со нив не се предвидува распуштање на ова тело.

„Лекот кој е донесен од страна на Европската Унија ќе е лекот кој треба да го спроведеме за на крај сите институции да се кренат на вистински нозе“, вели Лога.

Дополнително, Лога презентираше и пресуда од Судот во Стразбур, во случајов против Полска, кога оваа држава го загубила спорот откако пред истекот на мандатот предвремено распуштила член на Судски Совет. Министерот вели дека ваквото предизборното ветување на Мицкоски може да има и негативни импликации врз буџетот. Во пресудата се вели дека била загрозена судската независност.

Мицкоски претходно изјави дека ова ветување од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ има намера да го реализира, бидејќи е дел од борбата против криминалот и ќе резултира со зголемување на довербата во правосудството. Според Мицкоски, нема информации дека Европската Унија и САД се против распуштањето на актуелните состави на советите.