Лога со покана до ВМРО-ДПМНЕ – ги покани во работната група за Закон за ЈО, Мицевски одбива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда Кренар Лога преку писмен допис ги информираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски за координативната средба одржана на 15 ноември во министерството, на која беа отворени повеќе аспекти во врска со  подготовката на измените на законот за ЈО. Како што соопшти министерот Лога, претставниците на јавните обвинителства на средбата ја истакнале потребата од подобрување преку донесување на повеќе законски решенија.

На политичката партија ВМРО-ДПМНЕ „и се упати можност да даде свој придонес“ со тоа што ќе ја предводи работната група задолжена за изготвување на измените и дополнувањата на Законот за јавното обвинителство со доставување предлог за нејзин претседател. Изразуваме уверување дека од нивна страна ќе биде прифатена упатената покана и во оваа насока ќе биде доставен предлог за претседател на работната група која ќе биде формирана во рамки на Министерството за правда“, порача Кренар Лога.

Според соопштението на министерот, министерството досега немало никаков одговор и предлог од ВМРО-ДПМНЕ, иако, како што велат, поканата е испратена на 12 јули 2023 година.

Дали позитивно ќе одговорат на овој повик го прашавме координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Мицевски не упати до неговиот одговор објавен пред четири дена, поточно на 15 ноември, денот кога се одржа средбата во министерството. Според она што го напиша Мицевски, ВМРО се сомнева во искреноста на министерството и се револтирани зошто поканата дошла, откако бил изготвен предлог-законот. Според него, за ВМРО е понижувачко што повикот се прави „пет минути пред полноќ“, а не од самиот почеток.

Крајно несериозно и некоректно е за ваков важен Предлог на закон, Владата и пред се’ Министерството за правда, народски кажано во 5 до 12 да се сетат да ја поканат и вклучат НАЈГОЛЕМАТА пратеничка група во Собранието за учество во носењето на овој Закон. Најголемата пратеничка група во Собранието МОРАШЕ да биде вклучена во овој процес уште од самиот старт на подготовката на Предлог законот за јавното обвинителство, а не на веќе завршена работа“, вели Никола Мицевски.

Мицевски додава дека и овој предлог закон нема да помине во Собрание бидејќи таму треба да се усвои со 2/3 мнозинство. Затоа, според Мицевски, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во овој процес.