Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 порача дека партијата останува подготвена за дијалог со сите политички и општествени чинители со цел да се деблокира евроинтегративниот процес на државата.
Таа потсети дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побарал лидерска средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која една од главните теми била европската агенда. Дополнително, како што истакна, СДСМ до сите политички партии доставила резолуција за утврдување на црвените линии во процесот на евроинтеграција, но досега не добила забелешки или одговори.
„Овие чекори покажуваат дека сме спремни сите да седнеме на маса и заеднички да работиме за да се откочи процесот кон Европската Унија“, рече Лукаревска.
Според неа, преговарачката рамка не е билатерално прашање, туку рамка што ѝ е доделена на државата од Европската Унија. Таа нагласи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат различни пристапи кон евроинтеграциите, посочувајќи дека додека СДСМ се залагала за „забрзан, но не избрзан“ процес, актуелната власт смета дека станува збор за долг маратонски процес.
Лукаревска се осврна и на измените на Изборниот законик, објаснувајќи дека СДСМ ја напуштила работната група поради несогласувањата околу укинувањето на техничката влада и начинот на кој таа одлука била спроведена во Собранието.
