„Видиш колку е убаво“, рече Мерко.
Убавото Ауди А6 му донесе обвинение на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. Ќе се гони согласно новите измени на кривичниот законик, каде е пропишана казна затвор од една до пет години.
„Можеби требаше да купувам со поцелосна опрема, затоа што ова е 2000 кубици, требаше да земам 3000 кубици тоа е околу 80 илјади евра, но сакав да земам и Ауди А8, али ај реков, да не испадне дека…“, рече Мерко.
Од Обвинителството велат дека имаат доволно докази за набавката на луксузното „Ауди“ со пари на граѓаните во вредност од 67 илјади евра. Со ова испишана е и историја, оти ова е прв предмет од Антикорупциска кој завршува со обвинителен акт.
„Позитивна информација која ја добиваме, дека конечно еден предмет добил јавно обвинителска одлука и дека ќе се најде пред суд. Дотолку повеќе што станува збор за прв случај во историјатот на институцијата. Значи не само за оние предмети кои што ние сме ги сработиле во пет годишниот мандат, туку и претходно со исклучок на случајот „Бачило“. Се надевам дека нема да биде последен, дадовме бројни предмети со издржани обвиненија за кои што сметаме дека обвинителството ќе продолжи понатаму“, вели Ивановска.
Во трите мандати управување со општината, Мерко е поврзуван со низа афери и обвинувања, но ниту една не добила судска завршница. Од јуни минатата година, целото семејство е ставено на американската црна листа.
Залудни беа денеска нашите обиди да успееме да го добиеме струшкиот градоначалник. Во своето изјаснување пред Антикорупционерите, Мерко навел дека се воздржал од патувања на многу важни состаноци и средби со образложение „од други причини“, бидејќи му било срам да ја каже правата вистина дека нема возило за патување со повисоки перфорамнси, кои гарантираат сигурност и безбедност при патувањето.
„Каков градоначалник ви се гледам јас? Да одам со фичо? Можеби требаше да земам уште поубаво возило.“.
