Македонски фирми на НАТО пазарот – учество на тендери на НАТО од над 5 милијарди евра на годишно ниво

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Министерството за одбрана се отвора НАТО Центар за поддршка на домашните компании преку која фирми од земјава ќе можат да учествуваат на тендери за потребите на Северноатлантската алијанса. На годишно ниво вредноста на набавките на НАТО алијансата е над 5 милијарди евра. На овие тендери ќе можат да учествуваат сите оние фирми кои ги исполнуваат условите за учество во постапките на набавките, но претходно мора да се впишат во евиденцијата на економски оператори во Министерството за одбрана.

„Министерството за одбрана преку Центарот за поддршка на компании ќе им помага во прва фаза првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите а потоа да добијат и пристап кон објавените тендери. Меѓутоа веќе вториот чекор ќе биде уште поамбициозен. Нема да биде поддршката наша само во делот на административните подготовки и процедури, туку Центарот ќе се трудиме да помага со пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери како и за поврзување на домашните компании со светските гиганти кои веќе имаат договори со НАТО агенциите а имаат потреба и од добавувачи“, истакна Радмил Шекеринска.

„Отворањето на новиот пазар за нашите компании е голема шанса за македонските компании што досега не можеле да учествуваат на јавните набавки на НАТО. Секоја компанија што ги исполнува условите на тендери во Република Северна Македонија ги исполнува условите и за учество на тендерите на НАТО пазарот. Правилата за учество на тендерите се едноставни и паметни, овозможувајќи брз и флексибилен процес на јавни набавки преку начелата на транспарентност, еднакви можности и еднаков третман“, посочи Димитар Ковачевски.