Ќе треба да се победи во Вашингтон и во Брисел, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќање пред дијаспората во САД. Тој во говорот не ги спомена евроинтеграциите, но истакна дека постојат, како што вели, внатрешни и надворешни предатори кои не сакаат државата да биде успешна. Според него, власта во моментов води борба за економијата.
„Но, таа борба за еден од најмалубројните народи во Европа, а тоа е македонскиот народ, се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон, Њујорк, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Делегацијата што премиерот ја предводи во Вашингтон замина со очекувања за поддршка на евроинтеграцијата. Мицкоски истакна дека лобирал на средбите што ги имаше со дел од новата администрација во САД, но детали не се откриваат. Од ВМРО-ДПМНЕ засега не коментираат дали Вашингтон активно ќе се вклучи за деблокирање на патот кон ЕУ. Од Беса пак, очекуваат поддршка.
„Секако дека со новиот претседател Трамп ние очекуваме поголема поддршка од САД“, изјави Биљал Касами од коалицијата ВРЕДИ.
„Да почекаме да се вратат, да ги сумираме впечатоците и да дадеме конкретна изјава, меѓутоа верувам дека она што е битно, она што го гледаме е дека Македонија има пријатели во САД“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Последно, евроамбасадорот Михалис Рокас во Собранието повика новиот парламентарен состав да го забрза процесот на уставни измени, а еврокомесарката Марта Кос истакна дека промената останува услов за отворање на поглавјата. Од новата бугарска Влада пак, потенцираа дека поддржуваат проширување на Унијата, но врз основа на постоечките договори.
