Макрадули цели за генсек на СДСМ?! – „Изјавите како на Шилегов имаат последици на хомогеноста на партијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот висок функционер на СДСМ, Јани Макрадули верува дека ќе успее концептот на партискиот претседател Венко Филипче за обединување на структурите. Во гостување во „Дејли клик“ на ТВ21 Макрадули повика на консолидација. Тој го искоментира и неодамнешниот фејсбук статус на својот сопартиец Петре Шилегов, кој напиша дека СДСМ сега е заробена партија со „наместени“ лидери.

„Таквите изјави не помогаат во овој момент, за дебата внатре во органите на партијата секако сум „за“, за широки дебати, за долги дебати, за размена на аргументи… но социјалните мрежи не треба да бидат место на коешто ќе се каже нешто кое потоа ќе има последици на хомогеноста“, вели Јани Макрадули.

Прашан дали во иднина ќе цели кон позицијата генерален секретар на СДСМ, Макрадули не одговори конкретно.

„Ни треба една хомогена структура на млади полетни сили се разбира, компонирана заедно со оние, нас, што се вели, со белите коси, коишто своето искуство сакаат да го пренесат, но и да се вложат“, вели Јани Макрадули.

Тој додаде дека Венко Филипче имал лоша стартна позиција на функцијата по поразот на СДСМ на изборите, но додаде дека сега се враќал ентузијазмот во партијата. Претходно, Централниот одбор на СДСМ закажа конгрес за 24-ти месецов, на кој ќе се бираат новите членови на одборот.

„Ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик претседател на СДСМ. Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата“, вели СДСМ.

По изборот на нов Централен одбор ќе се отвори пат за нов состав на Извршниот одбор и ново раководство. Се очекува Венко Филипче повторно да ја побара поддршката од членовите за претседател на партијата, на внатрепартиски непосредни избори кои би се одржале во март.