Скринингот во процесот на преговорите со Европската Унија треба да заврши за околу 16 месеци што е нешто покус временски период од вообичаеното бидејќи ние досега поминавме дел од објаснувачките активности уште во 2018 и 2019 година. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој ја презентираше временската рамка за скринингот со Европската унија и објасни дека сега тоа ќе се одвива на ниво на 6 кластери.
„Ќе не очекува динамичен период со оглед на тоа што процесот на презентирање на новото законодавство ќе започне уште во септември оваа година, значи веднаш по летните одмори а паралелно во овој период, од околу 15 месеци ќе се одвива и билатералниот скрининг, односно Европската комисија планира овој процес да го заврши некаде до ноември 2023 година. Првиот скрининг извештај за кластерот фундаментални вредности го очекуваме во првиот квартал о 2023 година значи некаде до крајот на март 2023 година“, вели Бојан Маричиќ.
Сепак, за првата Меѓувладина конференција, Европската унија посочува дека ја започнала фазата на преговори со Македонија, додека кај Албанија стои јасно дека преговорите се започнати. Тоа значи дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не се внесат Бугарите во Уставот на кои инсистира официјална Софија преку Протоколот. Маричиќ вели дека се уште не е утврден календарот за донесување на измените, но досега е нејасно и како ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за нивно донесување..
„Ние се уште немаме утврдено календар или динамика за започнување на уставните измени, но тоа е наша обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Ние внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, начинот на кој што би го отвориле дијалогот во Собранието и целта на отворањето на уставните измени е тие да завршат успешно“, додава Бојан Маричиќ.
Во однос на референдумот кој го најавува опозицијата Маричиќ вели дека тој не е потребен. Но сепак опозициската ВМРО-ДПМНЕ за ова ќе расправа и на Извршниот комитет на партијата.
„За предлогот за референдумско изјаснување, да видиме каков тип на референдум, кога би го почнале, како би го почнале, на што би се насочиле на што би се фокусирале и така натаму. Да слушнеме од членовите на Извршниот комитет на партијата што мислат“, вели Христијан Мицкоски.
Инаку, како што истакна вицепремиерот Маричиќ, досега околу 45 проценти од домашното законодавство е усогласено со она на Европската унија.
