Меѓународен ден на борбата против говорот на омраза: ОН повикува на партнерства во справувањето со омразата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Говорот на омраза претставува еден од најсериозните предизвици за современите општества, а неговото спречување бара заеднички напор од институциите, медиумите, граѓанското општество и секој поединец, порачаа од Обединетите нации.

Во Стратегијата и Акцискиот план на ОН за борба против говорот на омраза, се нагласува дека справувањето со оваа појава не може да биде задача само на една институција или сектор. Потребен е пристап што го вклучува целото општество, преку промовирање на почитувањето на човековите права, недискриминацијата, толеранцијата и разбирањето меѓу различни култури и религии.

Генералното собрание на ОН во 2025 година усвои резолуција со која ги охрабрува земјите членки да развиваат иницијативи за практични активности во сите сфери на општеството, со цел унапредување на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог како алатка против ширењето на омразата.

Од ОН посочуваат дека говорот на омраза може да биде рано предупредување за зголемување на насилството, вклучително и за тешки злосторства. Поради тоа, ограничувањето на неговото ширење може да помогне во намалување на последиците врз заедниците и поединците.

„Молчењето може да дозволи штетните зборови и ставови да се вкоренат“, се наведува во кампањата #NoToHate, која има за цел да ги охрабри луѓето да реагираат против говорот на омраза, и во реалниот и во дигиталниот простор.

Посебен предизвик претставува ширењето на омраза преку интернет, каде децата и младите сè почесто се изложени на навредливи содржини, малтретирање и дезинформации. ОН апелираат на поголема дигитална писменост, проверка на информациите и одговорно однесување на социјалните мрежи.

За справување со проблемот се потребни различни мерки – од подобрување на образованието и улогата на медиумите, до користење на нови технологии, собирање податоци и развој на политики што ќе ги спречат причините за ширење на омразата.

18 јуни е прогласен за Меѓународен ден за борба против говорот на омраза, по иницијатива на Обединетите нации. На овој ден се повикуваат владите, меѓународните организации, граѓанските здруженија и поединците да преземат активности за препознавање, спречување и намалување на говорот на омраза.

ОН нагласуваат дека секој има улога во создавањето општества во кои различностите се почитуваат, а дијалогот и разбирањето се основа за мирен и праведен свет.