По набавката на лекот, здравствената состојба на 21-годишната Фљора Гаши веднаш забележа подобрување. Таа страда од ретка болест – цистична фиброза. Една недела по примањето на терапијата Ivacaftor, таа се ослободи од кислородната маска која беше нејзино секојдневие. Започна нормален живот, нo радоста траеше кратко. Сега Фљора повторно ни зборува од болницата каде е хоспитализирана. Состојбата повторно ѝ се влошила, бидејќи останала без потребните лекарства.
-Дента кога го земав лекот бев пресреќна, и врз психичкото здравје ми влијаеше добро, но и физички без многу добро. По една недела почна да дава ефект, дури престанав да користам и кислород. Можев да одам, да вежбам, ги вршев моите обврски, работи кои не сум ги правела никогаш во последните 5 години. На момент се израдував, реков – сѐ почнува од почеток, меѓутоа веднаш другиот момент сите соништа завршија, бидејќи снемав од лекот-рече Фљора Гаши.
Сега, Фљора е во неизвесност што ќе се случи со нејзината судбина.
-Веќе 10 дена не го користам лекот и вчера завршив во болница. Последните два дена бев физички многу лошо, не можев да дишам, многу лошо бев. Вчера и психички бев лошо, психички паднав-изјави Гаши.
Фљора го бараше лекот 5 години. Фондот за здравствено осигурување ѝ ја обезбеди терапијата во март, но само за два месеца, со цел да ја тестира неговата ефикасност кај пациентите со оваа болест. Со оглед на тоа што лекот даде позитивен ефект, Министерството за здравство беше задолжено на Фљора и на двајца други пациенти со цистична фиброза да им обезбеди постојана терапија. ТВ21 праша во МЗ – кога се очекува да пристигне лекот?
-Министерството за здравство испрати информација до Владата на РСМ со цел обезбедување на потребните следни активности за набавка на лекот-велат од Министерството за здравство.
Но, како што дознава ТВ21, Владата не добила вакво барање. Го прашавме ресорниот министер, Венко Филипче дали лекот ќе биде набавен за краток временски период, меѓутоа тој не даде конкретен рок кога ќе се случи тоа.
И додека да пристигне лекот, Фљора повторно ќе биде приклучена на апарат за кислород, хоспитализирана во болница постојано под терапија. Иако се бореше многу за да го добие Ivacaftor, таа сега со песимизам вели дека веќе нема соништа за подобра иднина.
