Адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Зоран Николовски, во својот говор ја критикуваше селективноста во постапувањето на Обвинителството, посочувајќи дека неговиот клиент е обвинет за истите дејствија за кои колешката од Министерството за економија, Лилјана Илиевска, воопшто не е гонета.
„И Зоран Николовски има каузална врска за овој пожар, но во истиот овој обвинителен акт, господа судии не мора да докажуваме, самото обвинителство на страна 12 во првиот пасус лицето Лилјана Илиевска која контролирала во 2013 година, како и Зоран Николовски, има наредба за запирање на истрагата. И за неа нема каузалитет, нема причинско последична врска, нема евентуална умисла, но за Зоран Николовски има за исто постапување во ист временски период, едно лице добива наредба за запирање на постапката со оглед дека нема елементи за дело, и Зоран Николовски добива обвинителен акт. Факт е дека сите граѓани се еднакви пред законот, и каква е оваа еднаквост?“, вели Миланов.
