Миланов: Ниедна лиценца не е потпишана од екс министерот Бектеши – нема каузалност со трагедијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во воведниот говор пред судот, бранителот Еленко Миланов нагласи дека Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектешио ќе докаже дека постапките што му се ставаат на товар на обвинетиот не можат да воспостават никаква каузална врска со кривичното дело за кое е обвинет.

Миланов потсети дека правната аргументација по одредбите од член 292 во врска со 288 од Кривичниот законик веќе беше детално изложена во воведниот говор за друг обвинет, нагласувајќи дека истата важи и за Бектеши, бидејќи се работи за идентични фактички и правни наводи.

„Обвинителството се обидува да создаде впечаток дека дејствијата кои наводно се преземени од 26 февруари 2018 до 11 февруари 2022 година имаат врска со трагичниот настан, но таква каузалност не постои“, рече Миланов.

Тој истакна дека Бектеши ја извршувал функцијата министер за економија до јуни 2024 година и дека Одбраната ќе докаже дека лиценците што ги спомнува Обвинителството, особено оние од 2023 и почетокот на 2024 година, не се негов личен акт.

„Лиценците за кои се тврди дека создавале каузалитет се издадени врз основа на овластување и се водат со фaксимил, а не со личен потпис на министерот. Нема ниту една лиценца потпишана лично од Крешник Бектеши“, нагласи Миланов.

Одбраната најави дека во текот на постапката ќе презентира докази дека обвинението се темели на погрешно утврдени факти и на погрешно интерпретирање на надлежностите на Министерството за економија, со што, како што велат, ќе стане јасно дека Бектеши нема никаква правна или фактичка поврзаност со трагичниот настан.