Милевски пред дуелот со Германија: За многу нешта ќе се прашува и Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ги кажа своите очекувања за утрешниот дуел со Германија. Него му е јасно дека Германците се големи фаворити, но најави борба и по можност ново изненадување, како она во Дуисбург кога Македонците победија со 2:1.

– Мора да бидеме на врвно ниво на тактички план. Го респектираме противникот кој е составен од врвни играчи, но за многу нешта ќе се прашува и Македонија. И ние имаме многу работи на кои треба да бидеме горди.

Ние не би биле спортисти ако не се надеваме на успех и на позитивен резултат, без разлика на противникот. Веруваме во своите квалитети и потенцијал дека можеме да бидеме конкурентни и со најдобрите селекции во Европа.

Начинот на кој игра Германија сега во споредба со средбата во Дуисбург е различен. Секоја репрезентација има некои слаби страни. Ќе се обидеме да ги искористиме. Како ќе одиграат они утре, тоа можеме да го претпоставиме, но не е гаранција дека ќе биде така. Ние треба да го дадеме максимумот и да уживаме.

По Германија ни следат уште два натпревари и нашата цел е останеме конкурентни до самиот крај на квалификациите, рече Милевски на денешната прес-конференција.

Натпреварот ќе се одигра утревечер со почеток во 20:45 часот на Национална арена „Тодор Проески“.