Пратеникот Антонио Милошоски денеска во обвинителството го предаде и вториот аудио материјал кој го поседува за поранешниот премиер Зоран Заев, а кој го пушти на неодамнешна прес-конференција.
„Денеска на обвинителката Вилма Русковска го предадов материјалот на кој што се слуша поранешниот премиер Зоран Заев. Направен е записник, и истиот материјал ќе го одработуваат, за да видат која е релевантноста.
Има разлика во изјавата која ја даде Заев дека се сомнева дека го снимале некои пратеници, и самиот транскрпит каде укажувачот напоменува дека разговорот е воден во присуство на други две лица, едно опфатено со „Рекет“ и другото НН лице. Обвинителството, најдобро би било, да го повикаат господинот Заев да си даде исказ за тоа кои биле во присуство на тој разговор, за да може присутните да бидат и сведоци, или да се земат снимки од камерите во владата, каде според протоколот влезот на владата и од кабинетот се под постојан надзор, и може да се утврди кој во мај 2019 година бил таму“, рече Милошоски кој уште еднаш напомена дека снимките ги добил од анонимен укажувач.
„Се работи за анонимен укажувач. Сметам дека материјалите се релевантни затоа што беа потврдени, а во разговорите дека има сериозни индиции запрекршување на основното правило при владеење во правото, а тоа е мешање на извршната во судската власт. Сметам дека има доволно силни индиции да се почне предистрага за Заев“, вели Милошоски.
