Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ги повика своите колеги од Парламентот да го поддржат предлогот на претседателот на Собранието за дополнување на Деловникот за работа, со што ќе се овозможи работа на далечина за пратениците кои ќе бидат до домашна изолација поради Ковид-19.
-Затоа ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност, да ги поддржат измените на Деловникот, за да може Собранието непречено да ја извршува својата работа и да им служи на граѓаните, рече Митрески.
Со овие измени, како што нагласи, ќе се обезбеди функционалност на законодавниот дом во време на пандемја од коронавирусот, односно ќе се овозможи оние пратеници кои се заболени од ковид 19 и се во изолација, своите обврски да ги извршуваат онлајн, односно од далечина.
-Во време на сериозни предизвици, на граѓаните им се потребни институции со целосен капацитет. На граѓаните им е потребно Собрание кое ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности. Вакви примери на комбинирано работење на Парламентите има низ целиот свет, рече Митрески.
Претседателот на Собранието Џафери синоќа до пратениците достави предлог за дополнување на Деловникот за работа на Собранието за да се овозможи непречена работа на Парламентот и онлајн вклучување на пратениците кои ќе бидат позитивни на Ковид-19 или во самоизолација.
