Мицкоски бара единство, а Филипче лидерска – „се прават внатредржавни сопки поради надворешни притисоци“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски побара државно и национално единство на Денот на одбележувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Додека чествувања се организираа и во соседна Бугарија, премиерот од Охрид истакна тој нема да навлегува во, како што вели, простодушна дебата чии се светите браќа.

„Ниту една наша отстапка на наша штета овие триесет години не ќе беше возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, ќе повторам, ниту една отстапка да биде возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, доколку не направеа процеп на наша штета.“, порача Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, постојат надворешни притисоци и блокади, кои пак поттикнуваат сопки внатре во државата. Тој додаде дека шансата на малубројните народи е во пронаоѓањето на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена и оцени дека тоа е единствениот начин на кој може да се опстои.

„Ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле… само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета, на крајот на денот, на државата.“, вели Христијан Мицкоски.

Опозиционерот Венко Филипче, кој го слушаше говорот на Мицкоски, го сфати повикот на премиерот за единство во насока на евроинтеграцијата.

„Да седнеме и да видиме како ќе работиме заеднички за доброто и напредокот на државата. Веќе во понеделник на состанокот на Националниот совет за евроинтеграција јас ќе дадам конкретен пример, предлог, со конкретни предлог дури и дневен ред за тоа што сметам дека најголемите политички партии на една лидерска средба треба да разговараат, поради тоа што јасни се пораките од Европската Унија.“, вели Венко Филипче.

Инаку, Мицкоски истакна и дека нема да потклекне на притисоци, ниту пак ќе прави пакт со криминали и со оние кои ја осиромашуваат државата или имаат намера да прават пактови на штета на идентитетот на граѓаните на Македонија.