Мицкоски бара од Трајановски што поскоро да започне со работа на вториот дел од автопатот Скопјe-Блаце! Николоски оптимист дека проектот ќе биде завршен пред рокот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува работите на изградбата на вториот дел од автопатот Скопјe-Блаце да започнат овој или следниот месец. Мицкоски рече дека овој проект со години бил само ветување, а сега се реализира.

„Со години, овој автопат е симбол на неостварени ветувања. Речиси секоја влада предупредуваше за тоа. Секоја од нив ветуваше пред изборите дека таа ќе го изгради, а некои политички партии со години се удираа во гради велејќи дека повеќе им е грижа за овој дел од земјата. На крајот, сè остана само празни зборови, откако неколку парцели земјиште по должината на овој дел од овој автопат беа купени од лица со сомнителна позадина и луѓе поврзани со некои политички партии. Сè друго, за жал, остана само ветувања. Денес, промената е јасна и видлива. Наместо нови ветувања, обезбедивме финансирање, потпишавме договори, го избравме изведувачот и имплементацијата започна. Очекувам дека, ако сè оди добро, ако даде Бог, овој или следниот месец, Коце, ќе ги започнеме активностите на терен и ќе ги завршиме“, рече Мицкоски.

Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека иако во договорот е наведено дека работите ќе бидат завршени за 4 години, тие се договориле со изведувачот дека работите ќе бидат завршени порано.

„Би рекол дека најлесниот дел е зад нас, додека најтешкиот дел штотуку започнува – изградбата на овој автопат. Договорениот рок, како што рече директорот, е четири години, но се договоривме со изведувачот да го завршиме порано, со цел да го отвориме овој автопат во најкраток можен рок“, рече меѓу другото Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека проектот е финансиран со грант од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра. Новиот сегмент ќе биде долг 10,5 километри, додека заедно со претходно изградените 1,5 километри, автопатот од клучката Стенковец до границата ќе достигне 12 километри. Проектот вклучува изградба на пет тунели, девет мостови, 11 надвозници, четири галерии и девет потпорни ѕидови.