Мицкоски: До 6 мај треба да се платат пенали – Нема да има пенали и немаме обврска да менуваме закони вели Бочварски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државата до 6 мај ќе треба дополнително да и плати на Бехтел и Енка пенали затоа што се уште не е донесен законот со кој наместо 40 ќе се воведе 60 часовна работна недела. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако вчера обзнани дека во средата од Трезорот биле префрлени 117 милиони евра кон Јавното претпријатие за државни патишта наменети за подготвителни работи за коридорот 8 и 10Д.

„Вториот дел е пеналите кои што треба да се платат поради тоа што не е променет законот за работни односи во рок од 45 дена од потпишување на договорот. А тој датум заврши на 22 април. И таа сума која што треба да се плати по еден основ е минимум 53 милиони евра. Ако ме прашувате кога тие треба да се платат, тие треба да се платат во ток од 2 недели откако ќе изминат оние 45 дена предвидени да се смени законот за работни односи и да се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа а тој ден истекува на 6 мај“, вели Христијан Мицкоски.

Но, премиерот Ковачевски неколку пати досега тврди дека ќе нема плаќање на пенали, а тоа го истакна и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервјуто за државната агенција МИА. Не е точно дека имаме обврска да менуваме закони вели Бочварски. 

Пенали во договорот нема. Доколку државата не ги смени законите, не се донесат законите во Парламентот, ние продолжуваме со работа по постојната законска регулатива. Од исклучително значење е тоа да го знаат граѓаните. Ако останеме со оваа регулатива продолжуваме со работа. Не е точно дека државата е обврзана  да менува закони. Државата,  односно Владата, Парламентот и сите институции, можат да продолжат со реализација на Договорот согласно постојната законска регулатива“, вели Благој Бочварски.

Бочварски додаде и дека измените на законот за работни односи се бара за да се овозможи изградбата на коридорот 8 и 10Д да се одвива побрзо и поевтино.