Светското првенство ќе се игра на 16 стадиони во три земји – САД, Канада и Мексико, а 1.248 играчи се наоѓаат на списокот на 48 екипи учеснички.
Ќе видиме дури 104 натпревари, никогаш повеќе национални тимови, никогаш повеќе натпревари.
Но, уште пред да почне, имаше големи проблеми и недостатоци. Американските власти беа строги кон издавањето на визи, особено за селекцијата на Иран, чии фудбалери во последен момент добија дозвола да влезат во САД, додека голем дел од челниците на нивниот фудбалски сојуз беа одбиени. Без билети останаа и голем број на нивни фанови. Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино призна дека проблемите биле Иран, визите и билетите.
-Кога луѓето велеа дека ќе биде невозможно Иран да дојде на Светското првенство, јас им реков и им ветив дека ќе дојдат. Им кажав дека, ако треба, ќе одам со автобус до Техеран и лично ќе ги довезам овде. Нивниот одговор беше: „Ние самите ќе го земеме автобусот и ќе возиме ако е потребно. Се квалификувавме и сакаме да играме“, вели Џани Инфантино, претседател на ФИФА.
Инфантино призна и дека не можеле ништо да сторат откако Американците му забраниле влез на најдобриот африкански судија, Омар Артан, кој иако бил на списокот на ФИФА, сепак нема да суди на Мундијалот.
„Можеби понекогаш е добро едноставно да се смириме, да се опуштиме. Ние работиме на сè. Се обидуваме да решиме сè. Понекогаш, ако веднаш почнете да викате и да се жалите, тоа може да има спротивен ефект и да го отежне пронаоѓањето решение. Верувајте ми кога ви го кажувам ова, или не верувајте ако не сакате, но ние секогаш се обидуваме да најдеме решенија. Секогаш“, вели Џани Инфантино, претседател на ФИФА.
Инаку, што се однесува до фудбалскиот дел, таму титулата освоена пред четири години во Катар ја брани аргентинската репрезентација, додека дебитантите се селекциите на Курасао, Зелено’ртските Острови, Узбекистан и Јордан.
Бразил е рекордер со пет титули, Германија и Италија имаат по четири, Аргентина има три, Франција и Уругвај беа најдобри двапати, а листата на победници ја комплетираа Англија и Шпанија со по еден пехар. Репрезентациите се поделени во 12 групи. Групната фаза ќе ја поминат двете првопласирани од секоја група и осум третопласирани.
