Мицкоски: Коридорите 8 и 10 се наш најголем приоритет, оваа недела објавување на тендерот за гасоводот со Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

– Поврзувањето е стратешка позиција и цел на Владата. Коридорите 8 и 10 се од стратешко значење за државата Македонија од многу аспекти и затоа ова е наш најголем приоритет, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски при увид во активностите за изградба на автопатот Гостивар–Букојчани.

„Изградбата на автопат, модернизацијата на железницата, брзата железница на Коридор 10, енергетското поврзување преку високонапонски линии, како и гасот – интензивно се гради гасоводот со Грција. Оваа недела започнуваме со објавување на тендерот за гасоводот со Србија, веќе се добиени сите мислења за таа цевка, а во функција е и нафтоводот од пристаништето во Солун до Скопје. Кога сето ова ќе се заврши, тогаш можеме да кажеме дека сме регионален центар“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува овие проекти и очекува наскоро да биде отворен преостанатиот дел од автопатот Кичево–Охрид, како и гасоводот со Грција во првата половина од следната година.

На автопатот Гостивар–Букојчани, кој е дел од пакетот патишта што ги гради „Бехтел и Енка“, моментално се работи на 11 километри од вкупно 31.