СДСМ ќе се врати на победничките патеки, најави старо-новиот претседател на партијата Венко Филипче. На внатрепартиските избори тој беше единствен кандидат и доби поддршка од 18 илјади членови, а во првата изјава кажа дека СДСМ е консолидирана и ја очекува тешка борба.

„Тоа е да се бориме против оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажаа дека ниту знае, ниту умее да се справат со проблемите. Се што кажаа излажаа, не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега.“, вели Венко Филипче.
И покрај критиките, Филипче доби честитки од премиерот Мицкоски.

„Имајќи предвид дека ова е владина говорница јас би ја искористил оваа прилика да му го честитам реизборот на господинот Филипче и да му посакам успешна работа како претседател на СДСМ.“, вели Христијан Мицкоски.
Но, критики имаше од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, од каде истакнаа дека Филипче е поставен за да ги штити интересите на Зоран Заев.

„Филипче нема кредибилитет во СДС. Само 18 илјади луѓе сметаат дека Венко треба да ја води СДС, истиот Венко кој не одговараше за модуларната болница, за набавката на ковид вакцини од фантом фирма.“, вели Валентин Манасиевски.
Инаку, Филипче и Мицкоски се сретнаа минатата недела. Опозиционерот ја оцени средбата како добра и конструктивна, а двајцата договорија работни групи за законите за правосудството и енергетиката.
