Мицкоски: На обвинителството кое смислува изговори му велам дека трпението е при крај!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Борбата против корупцијата, работата на Обвинителството, евроинтеграциите и протестите на студентите кои бараат полагање на правосудниот испит на албански јазик беа меѓу темите на кои се осврна премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија „Од слово до вечност“, одржана по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Мицкоски порача дека граѓаните оправдано ја губат довербата во правосудниот систем и дека трпението за испорака на правдата е при крај.

„Не мислете дека не ги слушам криците на луѓето кои бараат правда. Има случаи каде институциите реагираат бавно, а фиоките се полнат со пријави и тужби. Нема да отстапам од намерата да има ред, правда и владеење на законите“, рече премиерот.

Тој упати критики и до дел од обвинителството, оценувајќи дека повеќе не смее да има изговори за неефикасност.

Во говорот се осврна и на евроинтеграциите, оценувајќи дека Македонија се соочува со неправедна блокада на патот кон Европската Унија. Според него, загрижувачки е што дел од домашните политичари, како што рече, ги застапуваат ставовите на соседни држави наместо националните интереси.

„Македонија мора да биде дел од Европската Унија, но мора да останеме достоинствени и да го зачуваме сопствениот идентитет“, истакна Мицкоски.

Осврнувајќи се на протестите на студентите Албанци за полагање на правосудниот испит на албански јазик, премиерот рече дека е подготвен за разговор, но во рамки на Уставот и законите.

„Немам никаква задршка да се разговара за актуелните теми и секоја заедница да го користи својот јазик, сè додека се почитува нашиот идентитетски белег – македонскиот јазик. Многу брзо ќе дојдеме до решение што треба сите да го поддржиме“, рече Мицкоски.

Тој предупреди дека ваквите чувствителни прашања не смеат да се користат за политички и националистички пресметки, бидејќи, како што кажа, тоа создава поделби и пречки во општеството.