Мицкоски: Не ни требаат талибански методи – Мицотакис за Мицкоски: Ќе биде во непријатна ситуација на НАТО Самитот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вели дека не е задоволен од реториката на мандаторот Христијан Мицкоски. Ставот следува откако Мицкоски најави дека уставното име на државата ќе го користи во Собранието на претстојната заклетва за премиер и во меѓународната комуникација, но не и во јавните настапи дома.

„Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

Мицкоски одговори дека е подготвен за предизвикот.

„Доколку постојат во Европа, а не верувам дека постојат, европски политичари коишто се претставуваат како современи модерни политичари на 21 век, а сепак имаат во себе талибански мотиви, па сакаат да го загрозат човековото право кое е заштитено со меѓународни конвенции, јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и дебатирам“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицотакис нагласи дека Договорот од Преспа предвидува името да е за севкупна употреба, односно и за домашна и за надворешна употреба, по што повторно ја отвори можноста за ново грчко вето на патот кон ЕУ.

„Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот, кој има свои проблеми, меѓутоа обезбеди едно име за целосна употреба и ако ова се оспори, тогаш да знае Северна Македонија дека ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со Европската Унија кон која има амбиција во некој момент да стане членка“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.

„Се додека има манипулации и двојни стандарди и се додека не се држиме до копенхашките критериуми и вредностите дефинирани од тројцата многу важни луѓе за Европската Унија – Гаспер, Шуман и Аденауер, нас ќе ни се случуваат вакви анахрони изјави, талибански методи и враќање во средниот век“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски претходно кажа дека нема да прави компромиси со употребата на терминот „Македонија“ како име на татковината и тоа е негово загарантирано човеково право.