Мицкоски од Минхен: Средби со европски и американски претставници, во фокус безбедноста и евроинтеграциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски со серија билатерални средби го продолжи вториот ден од учеството на 62-та Минхенска безбедносна конференција, интензивирајќи ја дипломатската агенда во Минхен.

Во изјава од германскиот град, Мицкоски информираше дека денот го започнал со средба со Тед Дојч, претседател на Американско-еврејски комитет. На состанокот, како што рече, се разговарало за глобалните безбедносни предизвици и за потребата од одржување на мирот како стратешка цел на меѓународната политика.

Потоа присуствувал на обраќањето на американскиот државен секретар Марко Рубио, кое го оцени како инспиративно. Според Мицкоски, во фокусот на говорот биле светските безбедносни ризици, но и, како што пренесе, „нераскинливата врска меѓу Европа и Америка“, при што била потенцирана потребата од продлабочена соработка – не само во рамки на НАТО, туку и во справување со економските предизвици.

Во рамки на конференцијата, премиерот остварил и билатерална средба со холандскиот премиер Дик Схоф. Разговорите, како што посочи, биле насочени кон три клучни теми: координацијата во рамки на СБ и ММФ, холандските инвестиции во земјава – вклучително и можностите за соработка со мултинационалната компанија Philips во здравствениот сектор – како и евроинтегративниот процес на државата во рамки на Европска Унија.

Мицкоски најави дека во текот на денот ќе оствари и средба со претседателот на Украина, Володомир Зеленски, како и разговори со амбасадорот Ричард Гренел и претставник на финансиската групација Goldman Sachs.

Премиерот од вчера престојува во Германија, каде учествува на безбедносната конференција, на која, според владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

Во состав на владината делегација се и министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.