По неколку часа разговори во Клубот на пратениците, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека на лидерската средба е постигнат придвижок околу дел од отворените прашања меѓу партиите, меѓу кои и Законот за прекршоците и моделот на техничка влада.
„Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото“, изјави Мицкоски по средбата.
Според него, доколку не се постигне согласност кај сите парламентарни групи во однос на предлогот за укинување на пржинската влада, тогаш таа би важела уште за следните избори, а потоа би се укинала. Тој додаде и дека ќе биде потребно да се направат промени во Законот за Владата поради измените во ресорите.
„Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап — на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови“, истакна Мицкоски.
Лидерската средба се одржа по негова иницијатива. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваше и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, а од коалициските партнери на Владата присуствуваа генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, како и тетовскиот градоначалник Биљал Касами од коалицијата „Вреди“. Од опозициските партии присуствуваа лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој претходно го одби повикот, не присуствуваше на средбата.
