Мицкоски: По новата комунална механизација, следуваат и електрични автобуси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општините во земјава добиваат нова комунална механизација, со која се очекува да се подобрат услугите за граѓаните и да се придонесе кон почиста и поздрава животна средина, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Во објава на Фејсбук, Мицкоски информираше дека присуствувал на промоцијата на новите комунални возила, нагласувајќи дека станува збор за инвестиција насочена кон подобрување на хигиената и ефикасноста на локалните услуги.

Тој им честиташе на општините кои добиваат нова механизација и опрема, но истовремено упати апел за поголема граѓанска одговорност и заедничка грижа за животната средина.

„Животната средина е наша и сите подеднакво треба да ја чуваме“, порача премиерот.

Мицкоски најави дека владината поддршка за општините продолжува и во следниот период. По капиталните инвестиции и обновувањето на комуналната механизација, како следен чекор ја посочи испораката на електрични автобуси, наменети за организирање поеколошки јавен градски превоз.

Според премиерот, целта е преку инвестиции во општините да се обезбедат почисти средини, поквалитетни услуги и подобри услови за живот на граѓаните.

„Повеќе инвестиции, почисти општини, подобри услуги и подобар квалитет на живот за граѓаните“, наведува Мицкоски во објавата.