Мицкоски: Случајот со Џафери е сива зона

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот и пратеник Талат Џафери ќе земе две плати, а повиците на антикорупционерите тој да извршува само една од функциите најверојатно нема да вродат со плод. И двата политички табора се согласни – законот е јасен за неспојливоста на функциите, но постои период за кој не е одредено како да се постапува, односно од верификацијата на пратеничкиот мандат до изборот на нов претседател на Влада. Идниот мандатар Христијан Мицкоски вели дека новото Собрание треба што поскоро да најде решение, бидејќи овој проблем се провлекувал со години – и со функционери на СДСМ и со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а овојпат и на ДУИ.

„И во 2020-тата година технички премиер беше Оливер Спасовски, меѓутоа беше и пратеник. Истиот случај беше и во 2016 година. Емил Димитриев беше и технички премиер и пратеник итн. Тоа е точно сива зона. Во сегашниот владин состав имаме и министри и вицепремиери коишто се истовремено и пратеници, не е само Талат Џафери“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието исто така информираа дека ова е практика која не се случува за првпат. Оттаму наведоа дека на Џафери и на одреден дел на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеник, согласно член 8 став 1 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата. Сепак, заради обезбедување континуитет во работата на Владата, таа ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нов владин состав. Според Собранието, вака се обезбедува продолжување на виталните функции на владеењето без каков било престанок.

„Во конкретниот случај треба да се има предвид дека во членовите 43, 44 и 46 во Законот за Владата уредено е прашањето за престанок на мандатот само на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјална политика и за престанокот на функциите на дополнителните министри, а за претседателот на Владата и за останатите членови на Владата во законот не постои решение ниту постапка за престанок на функцијата.“

Во меѓувреме, дел од новите пратеници се и градоначалници. Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе поддржи предлог законски измени, на коалицискиот партнер ВЛЕН, во Законот за локална самоуправа. Со нив, би се овозможило Советот на општината да избере в.д. градоначалник ако првиот човек на општината стане пратеник. Така би се избегнало ново гласање, а вршителот на должност градоначалник функцијата би ја извршувал до следните локални избори.