Мицкоски со набиена агенда на првиот работен ден: „Македонија ќе ја биде“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


„Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, рече Мицкоски.

Со заклетва со уставното име, Мицкоски го започна четиригодишниот мандат. Придавката „Северна“ тој ја оцени како срамна, но се обврза да ја почитува во меѓународната комуникација, а веројатно заклетвата ќе е редок случај кога ја користи пред домашната јавност.

Десет часа подоцна, Мицкоски беше свечено пречекан во новите канцеларии на Илинденска. Го пречекаа шефот на Кабинетот, Владимир Неловски и Игор Јанушев, кој се споменува за иден генерален секретар на Владата. Пред медиумите го поздрави и доскорешниот технички премиер Талат Џафери со кого си подадоа рака, но средбата продолжи зад затворени врати.

„Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија.“

Средбата со Џафери беше куса, зашто премиерот беше со набиена агенда. Мицкоски се упати кон Штип на камен-темелник за спортски центар, а веднаш потоа со коалицискиот партнер од „Вреди“ и министер за здравство Арбен Таравари го посети објектот во изградба на штипската болница. Мицкоски најави дека Владата ќе функционира како тим, а граѓаните ќе бидат горди.

„Јас сум навистина горд што навистина вака убаво, со проекти, можеме да го почнеме нашиот мандат како Влада. Убеден сум дека тоа ќе ја врати надежта кај граѓаните дека Македонија ќе ја биде“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Мицкоски за утре најави почеток на инвестиција на нов ветерен парк, а како што додаде, на првата седница на новата Влада кон крајот на неделава ќе се најде и прашањето за линеарно зголемување на пензиите. Прашан пак за портокаловата вратоврска, бидејќи потсетувала на минати времиња, кажа дека нема симболика, туку му е меѓу омилените бои.