Младите во политиката – „војници“ во текот на изборна кампања или иднина на државата?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секоја партија има и младински форум како орган на партијата, каде се подготвуваат идните генерации политичари и најверојатно наследници на партијата. Но, колку простор им даваат на овие млади мажи и жени да преземат одговорност за водење на јавните институции или ги чуваат само како машинерии кои помагаат во изборните кампањи? Претседателот на младинскиот форум на СДСМ, Марко Михаилоски, тврди дека 1/3 од кандидатите за пратеници во нивната партија се млади луѓе, но се надева дека тоа ќе стане задолжително со новите измени на изборниот законик, при што со закон на младите ќе им се гарантира повеќе простор.

Дека младинските форуми го отсликуваат она што се случува во основата на партијата, неодамна докажаа и случувањата во ДУИ.

Дел од младите, меѓу кои и потпретседателот на форумот, излегоа со поддршка за таканаречената „Огнена група“ која беше формирана како фракција во рамките на ДУИ поради незадоволство од работата на министрите на оваа партија во Владата.

Сега и во рамките на младинскиот форум на ДУИ е формирана фракција, која зборува за незадоволството од претставувањето и третирањето на младите од партијата.

„Целосно се согласувам и тоа е идеја на младите, не е дека не го предложивме, го имавме во единица број 6, доколку не грешам, кој беше шестиот на листата. Но, сакавме да биде во секоја единица. Ни беше кажано да се докажеме, да лобираме за да бидеме вклучени во листите со победнички броеви, но тоа не се случи, бевме игнорирани во овој случај“, вели Јетмир Асани

И порано имало случаи на несогласувања кај албанските партии. Движењето Беса во моментов е без лидер на младински форум бидејќи пред две години Лиридон Усеини  поднесе оставка, притоа пишувајќи дека „Беса“ се претвори во структура која функционира на семејна, кланска и регионална основа, каде што не се почитува ниту едно партиско тело и посебно се гледа дека раководителите на Движењето Беса не сакаат да ги слушаат младите и Младинскиот форум на партијата.

„…бидејќи претседателот на Движењето Беса не сакаше да ги слуша забелешките на младите артикулирани преку мене и дури не се согласи да се сретнеме, а членовите на Младинскиот форум на Движењето Беса не можам да ги измамам кога ќе го видат тоа, Освен нивниот близок круг, ниту еден млад човек не бил почитуван за никаква заслуга. Тука заврши мојот однос со Движењето Беса“, додаде Лиридон Усеини.

Поделбата на Движењето Беса пред години доведе и до поделба на нејзиниот младински форум, па еден дел од младите ја поддржаа новата фракција која подоцна го се нарече Алтернатива и настапи  како посебна партија. Алтернатива денеска има и свој младински форум, на кој членува и Адем Јашари, кој го изразува своето задоволство од просторот што им се дава на младите.

На последните избори во 2020 година, претседателот на младинскиот форум на Алтернатива беше кандидат за пратеник, за малку гласови не успеа да стане пратеник. Морам да нагласам дека во тоа време бевме во коалиција. Всушност, претседателот на младинскиот форум беше втор од редовите на Алтернатива. Алтернативата може да се пофали дека е партијата на младите. Мислам дека ние како млади отсекогаш сме биле застапени во рамките на нашиот субјект, но ќе продолжиме да бидеме застапени и во иднина“, вели Адем Јашари.

И Алијансата за Албанците во моментов е без шефот на младинскиот форум. Омер Ајдини, од декември 2021 година веќе не е на чело на МФ АА, бидејќи даде оставка. Причината, како што вели, е слабиот резултат од локалните избори, но и е убеден дека мандатот на претседателот со Младинскиот форум треба да биде 2 години.

„Младинскиот форум останува добра платформа за младите да имаат можност за учење за време на нивниот ангажман во политичките партии. Од друга страна, останувам несигурен за ефикасноста на младинските форуми за унапредување на застапеноста на младите во партиите и во Владата и затоа сметам дека формата на младинско организирање треба да се утврди подобро“, додаде Омер Ајдини.

Загрижувачки податок за земјава е што младите се почесто бегаат на запад за работа и подобар живот, а често се критикува политиката дека младите  се вработуваат само ако имаат партиска книшка во џебот.