Многу часови изгубени поради лажните бомби – Димовски: „Бомбашите“ се охрабрени, оти не можеме да ги откриеме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За само една недела имало околу 120 пријави за лажни бомби во училишни објекти, при што учениците изгубиле значителен број часови. Тоа што 5 месеци по ред не можеме да дознаеме кој стои зад овие дојави, овие луѓе уште повеќе се охрабруваат, изјави за Радио Слободна Европа, Злате Димовски, професор на факултетот за безбедност.

Поради тоа што аларми за бомби има и во Србија и Црна Гора но овие земји веќе го решиле овој проблем, професорот Димовски, вели дека би било добро земјите да разменат информации за надминување на ситуацијата.

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, вели дека во текот на времето кога бил министер понудил решение, но, како што вели, тоа останало блокирано. Според него треба да се основа Агенција за сајбер безбедност која на дополнителен начин ќе се занимава и со ваквите лажни дојави..

„Да имаме Агенција за сајбер безбедност и со тоа би имале алатки со кои во 95% од случаите ќе може да се утврди дали станува збор за лажна дојава и во 95% од случаите МВР не треба да оди на местото на настанот. Можеби само 5% од случаите кога Агенцијата за сајбер безбедност нема да може да утврди, тогаш МВР ќе треба да оди во контрола“, вели Адмирим Алити.

Алити вели дека МВР работи по стар систем во однос на справувањето со овој проблем. Од 26.10.2022 година во Скопје и во повеќе градови во земјава неколкупати било пријавено дека е испратена закана за бомба на електронските адреси на неколку училишта, но потоа и на институции, трговски центри, аеродроми. Досега сите дојави се покажаа како лажни. Министерството за внатрешни работи продолжува да изјавува дека работи на нивно обелоденување, но засега не се знае од каде доаѓаат овие закани.