Многу млади претерале со алкохол – од забава, на Токсикологија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претерале со алкохол, а веднаш по полноќ завршиле на Токсикологија. Повеќето пациенти биле малолетни, на возраст од 14 до 18 години, а на клиника ги донеле другарите со  кои прославувале. Вака изјави директорот на Клиниката за Токсикологија, Ридван Бајрами кој рече дека имало лица под дејство на алкохол кои биле донесени со Брза Помош.

По полноќ и Ургентниот центар со зголемен интензитет на работа. Лекарите извршиле 80 интервенции кои биле последица од незгоди на пат или физички пресметки. Директорот на Ургентниот центар, Александар Трајановски, вели дека за среќа сите пациенти биле со полесни телесни повреди.

Според МВР, новогодишната ноќ поминала мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир. Според податоците на МВР, споредено со минатата новогодишна ноќ, синоќа имало 30% помалку пријавени случаи. Најмногу пријави имало во Скопје, потоа Охрид, а во Велес немало ниту една пријава.

Од службите на Брза Помош во Скопје, во период од 24 часа имало 100 интервенции од кои 40 биле од прв степен на итност. Од Брзата Помош велат дека имало многу повици од родители кои прашувале како да постапат со своите деца кои биле под дејство на алкохол.