Може ли да се отпишат долговите по одземањето на лиценцата на „Креди јес“? Финансии: Договорите остануваат важечки до судска одлука

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред неколку дена Министерството за финансии соопшти дека ѝ ја одзело лиценцата за работа на една од најголемите компании за брзи кредити, „ Креди Јес“. Имајќи предвид дека станува збор за голем број граѓани кои склучиле договори за кредит со оваа компанија, ТВ21 побара појаснување од Министерството во врска со нивниот понатамошен правен и финансиски статус. Дали постои можност за делумен или целосен отпис на долговите на граѓаните во вакви случаи?

„Согласно законските обврски, управителот на друштвото е должен во рок од 15 дена да започне постапка за ликвидација или да поднесе предлог за отворање стечајна постапка пред надлежен суд, а за тоа да го извести Министерството за финансии. Со потпишувањето на договорот, двете договорни страни ги прифаќаат правата и обврските утврдени во договорот. Ништовност на договорите може да утврди само суд. Граѓаните имаат право да ги оспорат склучените договори со кое било финансиско друштво пред надлежен суд, согласно одредбите од потпишаниот договор“, велат од Министерството за финансии.

Правно, договорот за кредит останува во сила сè додека долгот не биде отплатен, страните не постигнат поинаков договор или судот не го прогласи договорот за ништовен. Сепак, доколку се утврди дека компанијата користела незаконски камати, злоупотребувачки клаузули или го прекршила Законот за заштита на потрошувачите, граѓаните имаат право да го оспорат договорот пред суд и да побараат преиспитување на нивните обврски.

Во соопштението на Министерството за причините поради кои ѝ била одземена лиценцата на финансиската компанија, беа дадени следните појаснувања:

„Надзорот утврди тешки прекршувања на законските одредби, постапување спротивно на правилата за заштита на потрошувачите и практики со кои граѓаните – корисници на финансиски услуги – биле директно доведени во ризик. Поради тежината на утврдените прекршувања и сериозноста на евидентираните неправилности, Министерството за финансии во текот на мај донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на финансиското друштво“, велат од министерството.

Со оваа одлука беа затворени околу 40 филијали на „Креди Јес“ низ целата држава, додека околу 120 вработени добиле известување дека се отпуштени од работа.

Инаку, „Креди Јес“ беше присутна на македонскиот пазар од 2019 година и важеше за една од водечките компании во сегментот на брзи потрошувачки кредити.