Можеме ли во ЕУ до 2030? – Пендаровски: За членството во ЕУ потребен е национален консензус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За да има членство во Европската унија мора и двете страни да работат на тоа, односно Македонија да работи на реформите а Унијата да има фокус на интеграција не само на нашата земја туку и на целиот регион. Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на дебатата Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот, Македонија членка на ЕУ до 2030 година, кој посочи дека геостратешкиот интерес на Европската унија се засили кон Западен Балкан по војната во Украина. За тоа дали е можно членство во ЕУ до 2030 Пендаровски рече – Да, можно е, но сепак остави некои дилеми.

„Прво не знам дали ќе постигнеме национален консензус по тоа прашање, во овој момент го немаме. Значи зборувам за реален, не за реторички консензус. Дали ќе постигнеме и дали ќе го одржуваме бидејќи мора да го одржувате со години и години додека траат преговорите и второ не знам дали Европската унија и по завршувањето на војната во Украина ќе го задржи фокусот врз регионот“, вели Стево Пендаровски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир потврди дека војната на Русија во Украина предизвика нов импулс на Европската унија кон процесот на проширување, кое што Македонија треба да го искористи. Сепак потсети дека за преговарачкиот процес да продолжи потребни се уставните измени кои потенцира не го нарушува македонскиот идентитет.

„Јасно е дека со цел да се искористи импулсот во процесот на пристапувањето промените во Уставот мора да се направат. Ова ќе овозможи процесот да продолжи со отворање на поглавјата. Во однос на прашањето поврзано со идентитетот на малцинствата и нема врска со идентитетот на државата, не го губите идентитетот, јазикот, историјата на патот кон Европската унија“, вели Дејвид Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека не треба да има дилема дали ние треба да бидеме дел од Европската унија што поскоро, но дека за тоа е потребно реален политички консензус од сите политички партии.

„Има две димензии кога навистина треба да се покаже дека навистина сте за Европска унија. Прво, решавање на тешките прашања со соседите кои што долго не држеа во чекалната, неоправдано, се согласувам.  И второто прашање, дали сакаме после 30 години независност да го промениме начинот на водење на политика, економија, дипломатија, институции, се“, порача Бојан Маричиќ.

Македонија ги почна преговорите со Европската унија во јули минатата година со одржувањето на првата Меѓувладина конференција,  но за нивно продолжување, односно за отворањето на кластерите, е условена од Бугарија со внесување на бугарското малцинство во земјава во Уставот.