Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник по Фитр Бајрам. Централната манифестација се одржа во Мустафа-пашината џамија, која почна од 4:30 утрово, а траеше до завршувањето на молитвата за Курбан Бајрам. По молитвата, муслиманите си честитаа меѓу себе со пораки за мир, добрина, почит, љубов и милост. Според традицијата, верниците го слават празникот три дена. Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху им честиташе на муслиманските верници, потсетувајќи дека овој празник ја симболизира солидарноста, пожртвуваноста и взаемната помош.
-Човекот е најсветото суштество, а посветеноста кон него е најголемата вредност на човекот и неговиот живот. Затоа, овој празник резултат на радоста за формирање на средина за жртвување на најскапоценото, од која произлегува љубовта кон Аллах, посветеноста на човештвото, хуманоста, моралот, мирот и достоинството. Сиромаштијата, скудноста, дискриминацијата, убивањето, војната, аморалот се најлошите особини што можат да му се случат на човештвото. Сето тоа доаѓа од падот на свеста за жртвување на најскапоценото нешто за Бога и за доброто на човекот-вели Фетаху.
Фетаху, додава дека овојпат радоста за празникот е уште поголема.
– Овојпат нашата радост за оваа прослава е уште поголема затоа што во овие денови, на светите места во благословената Каба, во Арефат, Музделифе, Мина, по две години, со висока свест и убедливо верување, околу еден милион аџии го обавуваат петтиот Исламски столб – Хаџот – вели Фетаху.
Поглаварот на ИВЗ, меѓу другото повика на мир, соработка меѓу луѓето, простување, и покрај сите поделби.
