Муцунски и Герапетритис на заеднички состанок на ЕУ, Муцунски: Новата влада е силно посветена на ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски уверува дека новата Влада ќе биде силно посветена на евроинтегративниот процес. Тој ова го кажа на првата работна посета како министер за надворешни работи и за надворешна трговија, во Луксембург на Советот за надворешни работи на ЕУ. Откако вчеравечер во Собранието новиот премиер Христијан Мицкоски повтори дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, Муцунски беше прашан како ќе се продолжи на патот кон членство во Унијата и дали Владата ќе бара промена на преговарачката рамка. Министерот кусо одговори дека е јасна желбата за полноправно членство, но само врз основа на Копенхашките критериуми и вредности.

-Сметаме дека процесот на европска интеграција не треба да биде оптоварен со билатерални спорови. Во таа насока ќе зборуваме во добра верба, користејќи дијалог, користејќи ги алатките на дипломатијата, за да постигнеме успех, успех којшто значи напредок на земјата, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Муцунски во Луксембург присуствува на заеднички состанок и со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, кој ја искористи приликата да ги искритикува новите власти во земјава. Герапетритис истакна дека пристапувањето во Европската Унија без целосно почитување на меѓународните договори е невозможно и неприфатливо. Според него, новите власти во земјава го кршат Преспанскиот договор со тоа што не го употребуваат уставното име во јавните настапи.

-Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го употребуваат уставното име на Северна Македонија пред домашната јавност. Ова е флагрантно кршење на Преспанскиот договор, кој предвидува името на државата да е едно и единствено, ерга омнес, за севкупна употреба, а тоа е „Северна Македонија“, изјави Јоргос Герапетритис, министер за надворешни работи на Грција.

Во еден од последните јавни настапи, Муцунски кажа дека Атина и Скопје имаат недоразбирања и различни толкувања во однос на правата и обврските од Преспанскиот договор, но дека властите од двете земји треба да седнат на иста маса за да ги надминат предизвиците Не се знае дали Муцунски и Герапетритис во Луксембург ќе имаат билатерална средба.