60 годишен жител на Дебар е прв кој ова лето ќе одговара за предизвикување на шумски пожар.
„Вчера до ОЈО е поднесена првата кривична пријава по член 227 од Кривичниот законик и тоа за предизвикување на шумски пожар ова лето“, посочи Сузана Прањиќ.
На 8-ми август во попладневните часови, запалил нива во дебарско село, а потоа пожарот се прошири и зафатил нискостеблеска шума во површина од 100 метри квадратни.
„Инаку во предметниот период во координација со јавен обвинител се приведени, односно лишени од слобода 24 лица, уште 18 се повикани во станица на службен разговор и дополнително се евидентирани 3 осмоничени лица поради постоење основни на сонение дека подметнале или предизвикале пожар“, додаде Сузана Прањиќ.
Поднесени се и две кривични пријави по член 288, за предизвикување на општа опасност во Прилеп и Струмица, а МВР бележи и прекршочни пријави во Дебар и Штип.
Три пожари се активни на територија на цела држава и тоа кај селото Раовиќ и село Буковиќ кај Сарај, потоа меѓу селата Барово и Вешје во општина Демир Капија и во селото Горно Мелничани во Дебар.
„Вчера во попладневните часови на пожарот кај село Раовиќ, општина Сарај дојде до негово разгорување каде во еден момент се гледаа десет жаришта на линија од 2 километир и едно одделно жариште на 5-6 километри од останатите жаришта. Утрово пожарот чади на повеќе места со можност да се разгори и истиот се простира од село Буковиќ кон село Чајлане и Матка“, вели Надица Вчкова.
На терен интервенираат и припадници на МВР и неколкумина француски експерти за гаснење пожари.
Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е сѐ уште активен и проширен кон висорамнината Витачево, кон село Страгово во Кавадарци. На овој пожар гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Во Барово дејствуваат 60-тина припадници на полицијата заедно со припадници на армијата, а активен е пожарот во атарот на селото Горно Мелничани, Центар Жупа.
