Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој според Министерството за финансии се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините и реализацијата на владините развојни приоритети.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека ребалансот е направен со цел навремено усогласување на буџетските проекции со економските околности и обезбедување средства за исполнување на законските обврски и развојните политики.
Со измените, вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, што е зголемување од 1,2 проценти во однос на првичниот Буџет, додека расходите достигнуваат 425,8 милијарди денари или 2,8 проценти повеќе. Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 проценти од БДП.
Ребалансот предвидува дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални инвестиции, со што нивната вкупна вредност достигнува 46 милијарди денари. Средствата ќе бидат насочени кон изградба на патна и железничка инфраструктура, проекти во енергетиката, животната средина, образованието, земјоделството, правосудството и локалниот развој.
Обезбедени се и дополнителни средства за повисоки плати согласно колективните договори, за земјоделството, социјалната заштита и поддршка на општините.
Со усвоените амандмани се предвидени средства за поддршка на жените земјоделки, воспоставување национална СОС-линија и отворање два центри за жртви на семејно и родово базирано насилство. Дополнително, обезбедени се 6 милиони денари за транспорт на вода во Гостивар, средства за реконструкција на факултети, набавка на софтвер за Јавното обвинителство, изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за потребите на Агенцијата за стокови резерви.
Според министерката, со усвојувањето на ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, се забрзува реализацијата на инфраструктурните проекти и се обезбедува поголема стабилност и предвидливост за граѓаните и стопанството.
