На пристаништето во Солун откриени над 90 килограми кокаин во пратка со банани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во контејнер со банани што пристигнал од Еквадор на пристаништето во Солун, грчките царински инспектори откриле над 90 килограми кокаин, со вкупна вредност од над 2,9 милиони евра. Според соопштението од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ), дрогата била спакувана во 80 пакувања со вкупна бруто-тежина од 92,7 килограми, внимателно скриени во специјален простор на механизмот за ладење на контејнерот.

Примач на пратката била наведена француска компанија која испраќа банани во Романија. Со помош на рендген, царинските инспектори успеале да го откријат кокаинот, по што дрогата и контејнерот веднаш биле конфискувани. Веднаш било известено надлежното обвинителство, а истрагата за откривање на примателите на пратката продолжува.

Ова е втор случај на откривање на кокаин во контејнер со банани за краток период, откако слична пратка, исто така од Еквадор, беше пронајдена на атинското пристаниште пред неколку дена.