Над 40 милиони евра за неплаќачите на струја – Ковачевски рече дека ќе бара одговорност, сега ретерира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 40 милиони евра Владата ќе издвои за да им ги плати долговите за неплатена електрична енергија на институции кои со години не ги плаќале сметките. Иако тврдеше дека власта ќе ги покрие само оние институции кои се од витално значење како што е здравството, сепак листата е поголема. Покрај Клинички, Железница, судовите, студентските домови, универзитети, затвори, а во листата е и Зоолошка. Но од каде ќе се најдат овие средства. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се пренаменуваат средства од капитални проекти кои не се реализирани.

„Од ставките кои што не се реализираат со предвидената динамика се префрлени заради нужност да бидат платени сметките за електрична енергија за институциите кои што имаат витално значење за државата. Болниците зборуваме, водоснабдување, бидејќи кога зборуваме за водоснабдување тогаш зборуваме за пумпни станици со кои што се снабдуваат од системи за водоснабдување и за други индустриски потреби за вода. Веќе за другите за градските водоводи знаете ги ставивме на регулиран пазар на електрична енергија“, вели Димитар Ковачевски.

Ковачевски деновиве самиот кажа дека за раководителите на оние институции кои недомаќинско работеле и не ги плаќале сметките ќе има одговорност. Засега не сакаше да каже дали Владата донела одлука за некои од директорите да понесат одговорност. Рече дека ќе се прави квартално ќе се прави евалуација на работењето па потоа би можеле да донесат одлуки.   

„Ви кажувам дека ќе има евалуација и ви кажувам дека врз основа на таа евалуација како и до сега, така и во иднина може да има, бидејќи имало, имало во минатото разрешувања на раководители за кои што сме информирале и во иднина може да има. Што значи дека доколку од некого се очекува дека може да има подобри перформанси врз основа на тие очекувања може да се постават нови луѓе“, посочи Димитар Ковачевски.

По најавите за подмирување на заостанатите долгови кон ЕВН се јавија и од Енерџи Деливери Солушн, од каде бараат Владата да ги подмири долговите на јавните претпријатија кон другите снабдувачи со електрична енергија.

„Апелираме дека е неопходно Владата да помогне и кај јавните претпријатија што должат и кон останатите снабдувачи со електрична енергија. Интервенцијата на Владата не смее да биде селективна и финансиската помош за покривање на долговите не би требало да бидат насочени само кон еден снабдувач. Сервисирањето на долговите кои јавните претпријатија ги имаат акумулирано значи и одговорност кон граѓаните кои токму од нив добиваат витални услуги“, велат од Енерџи Деливери Солушн.

Вчера ЕВН поради неплатени сметки им ја исклучи струјата на Железници и ГТЦ бидејќи должат огромни суми за неплатени сметки. Реагираа од Владата дека се обезбедени пари од Буџетот и дека долгот ќе им биде платен, по што повторно беа приклучени на електричната енергија.