Ваљбон Лимани и Исен Шабани победија во трката на повторените локални избори за градоначалници на општините Гостивар, односно Врапчиште, двајцата кандидати на НАИ.
Лимани освои 15.345 гласови, во споредба со Невзат Бејта од ВЛЕН, кој доби 7.510 гласови.
По објавувањето на резултатите, Лимани им се заблагодари на граѓаните и рече дека ќе работи за доброто на градот.
„Гостиварци гласаа со Гостивар во срцето, и ви испраќаме само една порака – поздрав од Гостивар. Благодариме на секој активист и на секој граѓанин кој ни даде глас, како и на оние кои не гласаа за нас. Тука ветуваме дека јас и целиот тим и Советот на општината ќе им служиме на гостиварци чесно и ќе направиме сè што е најдобро за Гостивар“, изјави градоналачникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.
И по поразот, Бејта продолжи со обвинувања против противкандидатот.
„Тие ги злоупотребија средствата на општината кои ги ограбија, и во тек на една недела распределуваа многу пари на граѓаните на Гостивар. Верувам дека државните институции ќе влезат во општината и ќе го потврдат криминалот кој го направи Таравари, а го продолжи Лимани. Ќе продолжиме со нашите активности и верувам дека сè ќе излезе на површина“, изјави Невзат Бејта од ВЛЕН.
Во општината Врапчиште, Исен Шабани собра 5.414 гласа, во споредба со кандидатот на ВЛЕН, Зулхајрат Демири, кој доби 3.135 гласа.
„Вечерва сме тука пред вас за да ја прославиме победата во општина Врапчиште. Имаме резултат 2 спрема 1, ако го претвориме во гласови разликата е околу 3.000 гласа. Им благодарам на активистите на НАИ и на господин Арбен Таравари кој нè поддржа, како и на господин Али Ахмети. Честитки“, изјави Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште.
Повторени избори имаше и во Маврово-Ростуше и Центар-Жупа.
Во Маврово-Ростуше победи Онер Јакуповски од ВМРО-ДПМНЕ против Анес Ахмет од СДСМ. Во Центар-Жупа за градоначалник беше избран Ариан Ибраими од Турската партија.
