Напад во гимназија во Грац, Австрија: 21-годишник уби девет лица па се самоуби – 12 се повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Напаѓачот отвора оган кон ученици и наставници со пушка и пиштол околу 10 часот утрово.

Заедно со полицијата и брзата помош пристигнуваат и десетици родителите, барајќи информација за своите деца.

Австрискиот канцелар Кристијан Штокер го опиша пукањето во училиштето како „најмрачниот ден во историјата на нашата земја“.

-Денес е најтемниот ден во историјата на нашата земја. Пукањето во училиштето е национална трагедија што нè потресе длабоко. Со овој незамислив чин, девет луѓе беа ненадејно одземени од своите животи. Не постојат зборови да се изрази болката, збунетоста и тагата. Целата австриска нација е во шок. Моите мисли и најдлабоки сочувства се со ожалостените, семејствата и оние кои изгубија дете, изјави Кристијан Штокер, австриски канцелар.

Напаѓачот се самоубил кога се приближила полицијата. Тој е 21 годишник поранешен ученик во гимназијата. Претходно не ѝ бил познат на полицијата. Оружјето го поседувал со дозвола.

-Осомничениот сторител е Австриец од областа Грац. Според тековните сознанија, во злосторството се употребени две огнени оружја, кои беа запленети на местото на настанот. Оружјата се под судско-техничка експертиза. Се претпоставува дека осомничениот ги поседувал оружјата легално, но во моментов не може да се дадат информации за мотивот, бидејќи сè уште трааат обемни кривични истраги, изјави Гералд Ортнер, директор на државната полиција.

Полицијата соопшти дека нема информации за мотивот на мажот.

-Националната трагедија денес оплакува девет жртви: шест жени и тројца мажи, како и уште 12 повредени. Двете тешко повредени лица се тинејџери. Десеттата жртва е самиот сторителот. Во овој момент, можам да потврдам дека станува збор за дело на самостоен сторител, изјави Герхард Карнер, министер за внатрешни работи на Австрија.

Законите во Австрија се меѓу најлибералните во Европа за оружје и државата се наоѓа на првите места по број на вооружени цивили.

Низ цела Австрија прогласена е тридневна жалост.