Насилството врз лекарите сериозен проблем – над 70% од лекарите се соочиле со напади на работното место

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Не знаеме кога сме пациенти, а кога сме лекари.“

Вака изјави психијатарот Кадри Хаџиамза, зборувајќи за насилството на пациентите врз лекарите. Според него, најчеста причина за вакви ситуации е кога пациентите сакаат да бидат прегледани без да чекаат ред. Тој раскажува и за еден случај кога го пријавил напаѓачот во полиција, но подоцна ја повлекол пријавата, бидејќи, како што рече, лицето не ја примало својата терапија.

„Мој пациент кој не ја примал терапијата, знам дека е агресивен, дојде и ме фати за врат – немаш каде да избегаш, во канцеларија си, физички напад. Пријавив долу, ја известив полицијата, полицијата дојде многу брзо. За тие што не знаат, нашата клиника се наоѓа веднаш до МВР, интервенираа“, изјави Кадри Хаџијамза, психијатар.

Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, нагласи дека насилството не е решение, дури ни кога пациентите не се задоволни од услугите. Наместо тоа, додаде таа, треба да поднесат жалба до институциите.

„Дали решение е да тепате или некој да ве тепа? Мислам дека не! Постојат институции. Во секој дом на здравје има директор. Пациентот има апсолутно право – и тоа го прават – да напише жалба до директорот. Директорот има обврска во рок од две недели да одговори. Постојат и институции како суд и обвинителство. Секој што не е задоволен од одредени причини има каде да го пријави тоа“, изјави Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека успешно се спроведуваат измените во Кривичниот законик, со кои насилството врз здравствен работник се смета како насилство врз службено лице и претставува кривично дело.

„Ќе го подобриме системот за термини, затоа што оттука почнуваат фрустрациите. Исто така треба да имаме секаде дигитални информации за чекање, за пациентите да знаат колку ќе чекаат. Ако не се информирани колку треба да чекаат, тогаш почнува револтот – дали ќе чекам еден или два часа“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

12 март е Европски ден против насилството врз лекарите. Податоците од Лекарската комора покажуваат дека минатата година имало три пријави од медицински персонал за напади врз нив. Една анкета покажала дека над 70% од лекарите во Македонија се соочиле со насилство на работното место, од кои 80% со вербално насилство, а 7% со физичко насилство.